Што е органско производство
Органското производство како систем ги зема предвид еколошките, економските и социјалните аспекти на земјоделството на локално, национално и на глобално ниво.
Конвенционалните системи на земјоделско производство често предизвикуваат нарушување на здравјето, загадување и штети во животната средина, како и осиромашување на почвата и нарушување на природната рамнотежа, пред сé, поради интензивната употреба на синтетички препарати кои го форсираат производството на неприроден начин.
Конвенционалниот систем на производство со употребата на разни отрови и со генетичка манипулација доведува до создавање производи кои немаат ниту вкус, ниту пак хранлива вредност како производите произведени на природен начин. Во трката за заработка и што поголемо производство, честа е употребата на препарати и техники кои директно влијаат на загрозувањето на човековото здравје и на животната средина.
Органското земјоделско производство ја избегнува употребата на синтетички ѓубрива, пестициди и на генетички модифицирани организми и притоа го избегнува загадувањето на животната средина и го подобрува опстанокот на меѓусебно поврзаните заедници на растенија, животни и на човекот.
Органското производство го промовира и поддржува биодиверзитетот, природните биолошки циклуси и биолошката активност на почвата. Тоа се темели на употребата на природни препарати и заокружување на циклусите на производство и на движење на материјата на местото на производство. Промовира методи и практики кои ја обновуваат, одржуваат и подобруваат еколошката рамнотежа во производствениот процес.
Важно е да се знае дека дури и производството што не користи синтетички препарати, а предизвикува нарушување на природната рамнотежа и деградација на животната средина не може да се карактеризира како органско производство.
Во принцип, во органското производство е дозволена употреба на материи кои настануваат природно, додека недозволени се материите што се произведуваат вештачки.
При органското производство на животната средина се гледа како на една целина во која обработливите површини претставуваат важен дел од природата, а човекот како составен дел од неа има морална одговорност да произведува на начин кој ја штити и не ја загрозува животната средина.
Органското производство нуди можност за постигнување рамнотежа помеѓу производството на доволни количини храна со висок квалитет и намалувањето на опасноста од загадување на човековата средина, како и задоволување на егзистенцијалните потреби на сиромашното население.
Затоа, еден од важните аспекти на органското производство претставува и социјално-економскиот аспект. Имено, ваквиот начин на производство бара мали вложувања во поглед на препарати, материјали и опрема, и на тој начин во производството можат да бидат вклучени голем број мали производители. Од друга страна, органските производи се продаваат по повисоки цени кои овозможуваат фер приходи за производителите и компензација за зголемените производствени трошоци органскиот начин на производство.
Со вклучувањето на малите производители се влијае позитивно на обезбедувањето на нивната егзистенција на местото во кое се наоѓаат, а со тоа на регионалниот развој и на самата економија во државата.
Потрошувачите кои се свесни за врската помеѓу исхраната и здравствената состојба на човекот, се подготвени да купат здрави производи и, секако, да платат повисока цена.
За потрошувачот, купувањето органски производи, исто така, овозможува активен придонес во заштитата на животната средина.
- Членови
- Контакт
- Галерија
