Контрола и сертификација на органското производство
Контрола и сертификација на органското производство, според Законот за органско земјоделско производство, врши овластено домашно или странско правно лице. Овластувањето за вршење контрола и сертификација за органско производство се врши од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое води и посебнa eвиденција за овластените правни лица.
Процесот на контрола и сертификација на органското производство вообичаено почнува со советување со стручно лице и со запознавање со условите и правилата што мора да се запазат при органскиот начин на производство.
По добивањето на потребните информации и исполнувањето на сите предуслови, потребно е пополнување апликација (формулар издаден од контролното и сертификациско тело) за контрола и сертификација на планираното органско производство, која се поднесува до избраното контролно и сертификациско тело.
Врз основа на доставената апликација, контролното и сертификациско тело до производителот доставува понуда во која се наведени трошоците и условите за вршење на контролата и сертификацијата.
Доколку производителот реши да продолжи со процесот на контрола и сертификација, потребно е на контролното и сертификациско тело да му достави подетални информации за планираното производство по што се потпишува договор за контрола и сертификација. Со потпишувањето на договорот, официјално отпочнува постапката за контрола и сертификација.
Контролното и сертификациско тело има право во кое било време да врши ненајавени контроли во процесот на производство и придржување на принципите на органското производство.
Доколку контролата покаже дека производителот не се придржува на принципите на органско производство, контролното и сертификациско тело има право да изрече соодветни казнени мерки, како и да го одземе стекнатиот сертификат. Дополнителни казнени мерки за непридржување кон органските принципи на производство се предвидени во Законот за органско земјоделско производство на Македонија.
- Членови
- Контакт
- Галерија
