Обележување на органските производи
Производството, обележувањето и продажбата на органски производи е условена со претходна сертификација на производството.
Органските стандарди на производство предвидуваат „преоден период “ кој во зависност од видот на производство, може различно да трае.
Поврзани со самиот карактер, во органското земјоделско производство се среќаваат два вида производи. Производството кое се добива во периодот од првата контрола и кој ќе трае се до конечното стекнување со сертификат за постигнати услови во процесот на производството се нарекува “органско производство во преод” (порано познато како “органско производство во конверзија”). Истото обично трае не помалку од две (кај поледелските) и не помалку од три години (кај повеќегодишните насади), но во одредени случаи возможно е овој период да биде намален .
Ваквото обележување има цел да му овозможи на производителот означување повисок степен на квалитет, а со тоа и продажба по повисока цена, но истовремено информирајќи го потрошувачот дека станува збор за производ во преод, кој сеуште не го достигнал статусот на органски производ.
Со навлегување на некој производител во периодот на преод, се стекнува со правото на користење симболи кои ќе го определат карактерот на тоа производство кое во тој период ќе ги произведува, во конкретниот случај “органско производство во преод”.
Откако контролното и сертификациско тело ќе се увери во доследноста на почитувањето на правилата за органско производство издава Сертификат со кој се потврдува дека тој производител го достигнал потребното ниво знаење и техника за да ги задоволи барањата за овој начин на одгледување. Со стекнувањето на сертификат, субјектот има право на своите производи да го истакне називот “органски производ” како и соодветната ознака.
Употребата на зборовите кои означуваат органско производство е прецизно дефинирана согласно со ЕУ-регулативите за органско производство. Сепак, во различни земји од Европската унија е дозволено да се користат различни ознаки за да се опише органскиот метод на производство. Во некои земји органското производство се нарекува биолошко (Франција, Италија, Португалија, Холандија), во други еколошко (Шпанија, Шведска, Данска), додека во Германија се користат и двата збора.
Во Македонија, согласно со националната легислатива, официјално е прифатен зборот органско производство и органски производ, кои сугерираат на производ кој ги исполнува условите за органско растително и сточарско производство, предвидени со Законот за органско земјоделско производство во Македонија.
Со новата национална регулатива употребата на слични термини, независно дали се работи за сировина или готов производ во процесот на производство на храна или добиточна храна, како "еко", "био" и "еколошки" како и сите префикси, суфикси, кратенки или нивни комбинации и сите термини изведени од терминот органско, кои може да го доведат во заблуда на потрошувачот во поглед на статусот на производството е забранета.
Со ова, се штитат производителите кои поради преминување кон повисок степен на производство имаат загуба во количеството на производ, но и потрошувачите бидејќи се запознаени дека пред себе имаат производ од производител кој навлегол во процес на целосно исфрлање од употребата на синтетизираните хемиски соединенија во процесот на производството.
Користењето на лого (симбол) за обележување на органските производи е вообичаена практика. Во моментот постои големо шаренило од симболи кои се употребуваат за обележување на органското производство.
Покрај заедничкото лого на Европската унија за обележување на органските производи, најголем број земјите членки имаат развиено или имаат право да развијат сопствено национално лого. Покрај официјалниот симбол, во употреба се и низа приватни симболи на различни организации, кои со употребата на сопственото лого сакаат да потенцираат одредена квалитативна карактеристика (построги принципи на производство, географско потекло, традиционален начин на производство или, пак, додатна гаранција за квалитет) и да ја придобијат довербата на потрошувачите. Зависно од барањата на националната легислатива на одделни земји, националното лого и/или логото на Европската унија може да се употребува во комбинација со приватното лого на производителот или трговецот.
Во 2010 година постоечкото лого на ЕУ беше заменето со ново лого. Исто така во европската легислатива беа направени значајни промени во поглед на означувањето на органските производи.
Со новата национална легислатива, определен е начинот на употребата на националните и приватни симболи кои може да се најдат на некој производ кој се продава во Македонија. Статусот на производите се означува со два посебни симбола на кои е јасно наведено дали станува збор за органско производство или за органско производство во преод. Ова се прави со цел да се избегне можноста потрошувачот лажно да биде наведен во однос на разликата што постои меѓу производи кои се во целост органски и оние што сè уште се во преод.
Така, на производ кој навлегол во преод или веќе се стекнал со сертификат за органско производство задолжително се наоѓа националниот симбол (лого) кој се однесува на соодветниот степен на производство (во преод/органски).
Дополнително на етикетата треба да бидат наведени податоците за производителот односно последниот ракувач со производите (преработувач, пакувач) називот и/или кодот на контролното и сертификациско тело кое го издало сертификатот.
Неточното обележување на производите, во смисла на органскиот квалитет на производот, периодот на преод или непочитување на преостанатите правила за етикетирање на производите, се смета како прекршок и тој се казнува согласно со законите кои ги пропишуваат овие правила.
- Членови
- Контакт
- Галерија
